ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Шест години по „Диво насеље”

Денеска се навршуваат шест години од оружената престрелка во кумановско „Диво Насеље“ во која загинаа осум припадници на безбедносните сили. Во уличката каде се водеа борбите остана да сведочи  една куќа која сè уште има вдлабнатини од куршумите. Останатите куќи веднаш по настанатите, беа реконструирани.

Во оружената престрелка покрај осумтемина припадници на полициските сили, беа убиени и 10 припадници на вооружената група.

Два дена градот живееше во неизвесност и страв. Исклучително трагичниот настан засекогаш ќе остане во сеќавање на кумановци.

Денеска, во Соборниот храм „Свети Никола“ во организација на група бранители од Куманово ќе се одржи панихида во чест на осумте загинати припадници на безбедносните сили, Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ, кои посмртно се одликувани со медали за храброст.

За настаните во „Диво насеље“ од февруари 2016 година во Кривичниот суд се водеше судско рочиште против 29 лица кои се товарат за сторени кривични дела „Терористичка организација” и „Тероризам”. Сите 29 обвинети за кумановските случувања пред Судот се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.

Кривичниот суд во ноември 2017 година на казна доживотен затвор осуди осуммина обвинети за терористичкиот напад во кумановско „Диво насеље“, а 13 обвинети добија казна од 40 години затвор.

На казна затвор од 20 години се осудени петмина обвинети, две години помалку доби еден обвинет, а по двајца обвинети добија казна затвор од 14, 13 и 12 години.

Пресудите подоцна ги потврди и Апелацискиот суд во Скопје.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button