Синдикатот поднесе пријава против власта до Граѓанскиот суд

Сојузот на синдикати на Македонија бара државата да ја спроведе законската обврска за зголемување на сите плати во јавниот сектор согласно зголемувањето на минималната плата. Синдикалците поднеле претставка до Граѓанскиот суд каде што побарале постапка против власта бидејќи проценуваат дека се оштетени вработените на кои платата не им е покачена за 18,4 отсто. Очекуваат во најбрз можен рок да биде свикана првата седница.
Но, за вицепремиерот за економски прашања линеарното зголемување на платите не е добро решение. Фатмир Битиќи нагласува дека за покачување на платите е потребна нова методологија која би се засновала на продуктивност и ефикасност.
„Почнавме процес на усогласување и процес на разговор за новиот колективен договор со здружението на синдикати, за жал беше прекинат бидејќи штрајкуваа. Деновиве ќе ги повикаме да се вратат за да потпишат колективен договор до крајот на годината, бидејќи веруваме во решение кое е одржливо, а не еднократно. Линеарниот раст не е решение, сакаме да дефинираме методологија за зголемување на платите во јавниот сектор, која ќе се базира на продуктивност и ефикасност, исто како што бараме во приватниот сектор. Секако и нов закон за плати во јавниот сектор“, рече Битиќи.
Битиќи рече дека законот и методологијата за покачување на платите е во процедури во Министерството за труд и социјална политика и дополнително се прават подготовки за буџетот и се гледаат реалните можности до кое ниво може да се дојде со новата методологија за плати.
Ајнур Бафќари