
Шести јануари 2020 – та „Капитол Хил“. 27 – ми април 2017 – та година, Скопје пред Собранието. Настаните од вчера кои се случија во престолнината на САД многу наликуваа на оние кои ни се случија нам пред три години. И во лулката на демократијата, како што се доживува Америка и во Македонија, клучен фактор за немири беше предавањето на власта. Во обид да направиме паралела, го прашавме комуникологот Бојан Кордалов, колку лажните вести и говорот на омраза, влијаат на граѓаните за да се впуштат во насилство, бранејќи ги така своите политички идоли.
„Користењето на говор на омраза, користењето на дискриминација, користењето на несоодветна политичка комуникација било каде во светот, навистина води до несакани појави и до она што се нарекува поделби, но и насилства. Немањето политичка култура води до длабоки поделби во општеството и со тоа се нарушуваат цели системи.“-изјави Бојан Кордалов, комуниколог.
Кордалов смета дека кога веќе ќе се всади вирусот на говор на омраза и лажни вести, тогаш и најотпорното општество поткленува. Најважно, вели тој е политичарите да комуницираат со граѓаните коректно, особено кога социјалните мрежи вријат од лажни вести и се моќно оружје во политиката. Според него, главна улога во спречувањето на полувистините кои се пласираат на социјалните мрежи се традиционалните медиуми.
„Мас-медиумите играат клучна улога во борбата со лажните вести и тие се главното упориште коешто властите и граѓаните го имаат со цел да се излезе од растечките проблеми коишто ги носи дигитализацијата и лажните вести.“-рече Бојан Кордалов, комуниколог.
Тензиите и експлозијата на гневот во Америка настанаа како резултат на тврдењето на Трамп дека политичките опоненти ги украле претседателските избори. Пред три години, повик да не се седи дома во влечки, бидејќи така не се бранела татковината, упати актуелниот политички азилант, Никола Груевски. Причина беа, исто така тензиите кои се појавија по предвремените избори. Потоа следуваше 27 – ми април, по што следуваа судските процеси против десетици лица за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата.
Бојан Стојановски