ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Сите граѓани трпат штета од дезинформациите

Сите граѓани трпат штета од дезинформациите

Комуникологот Бојан Кордалов оценува дека покрај правилното и точно информирање, институциите мора да бидат и активно транспарентни во борбата против лажните вести. Претходно премиерот Димитар Ковачевски кажа дека постојат влијанија од трети страни во земјава, кои споделуваат дезинформации, а дека Владата како алатка во борбата користи точно информирање. Кордалов пак смета дека за ефикасна борба мора да се зајакнат институциите, бидејќи никој нема да поверува на лажна вест за одредена институција, ако таа дава квалитетни услуги.

„Кај институциите е многу важно тие да овозможуваат квалитетни јавни услуги, што во Македонија многу недостасува и  е нешто на што сами како држава сме ранливи со нападите од лажни вести и конспирациски теории. Зошто? Заради тоа што ако знаеме дека главните таргети на лажните вести се токму јавните институции, тогаш тие мора да имаат квалитетни услуги, со кои граѓаните, бизнисите и организациите ќе бидат задоволни“, рече Бојан Кордалов – комуниколог.

Коментирајќи ја опасноста што може да ја предизвикаат лажните вести во однос на безбедносната состојба на Западен Балкан, за што неодамна предупреди претседателот Пендаровски, Кордалов вели дека секој граѓанин трпи штета од лажна вест, без разлика во која општествена сфера се насочени дезинформациите.

„Наш интерес е да бидеме таму. Наш интерес е да ги носиме тие одлуки и да бидеме дел од моќен воен сојуз. Ако се гради недоверба понатаму повторно во безбедносни структури и системи, може да се случи нивото на безбедност да биде загрозено и да доведе до далекусежни последици. Така што, мораме да разбереме дека лажните вести и дезинформациите на крајот не таргетираат секој од нас“, додаде тој.

Комуникологот Кордалов советува институциите, политичарите, организации и граѓаните да бидат обединети во борбата против лажните вести, без оглед на разликите. Тој додава дека оваа цел мора да биде заедничка за сите за да почне, како што вели, тешкиот пат кон промени./Алсат.мк

Лука Андреев

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button