Скопје на +40 се гуши во отпад

Диви депонии има речиси низ цело Скопје, а граѓаните секојдневно се жалат на лошата миризба
Велат дека цело Скопје е задушено од отпад, и ги обвинуваат надлежните органи и неодговорните граѓани кои фрлаат градежен шут и покуќнина во близина на контејнерите.
„Секаде е вака, нечистотија. Град Скопје стана…кај што вртиш глава гледаш само нечистотија. Дали оваа комунална хигиена функционира или не? Не знаеме. Ова е болест за сите луѓе. Немам коментар“…
„Не се криви тие што го собираат ѓубрето, народот е крив, тие доаѓаат од далеку и го фрлаат овде, потоа се собира ѓубре, прозори не можам да ги отворам, ретко отвораме, смрди, станот ми е спроти“, реагираат граѓаните.
За хаосот создаден со ѓубрето во град Скопје, од Јавното комунално претпријатие ги обвинуваат граѓаните, но и Град Скопје што не го одобрил барањето за сезонски работници.
Визард ЈП комунална хигиена:
„Диви пунктови се создаваат како резултат на невнимателното депонирање на отпад од поединци надвор од контејнерите, односно на јавни или сообраќајни површини. Во моментов комунална хигиена-Скопје не е во можност целосно да го спроведе оперативниот план за одржување на хигиена поради неможност за ангажирање сезонски работници бидејќи програмата за дополнителни активности во областа на јавната чистота не е одобрена од Советот на Град Скопје“.
Во меѓувреме, првиот човек на општина Чаир, Висар Ганиу, го обвинува градот Скопје за создадениот хаос.
„Две години немаме никаква комуникација со градоначалничката на Скопје, ниту како колега, ниту на службен начин и не знаеме како да функционираме, а во овој момент тоа е приоритет бидејќи чистотата за граѓаните е многу важна и феномен кој мора да го промениме, но и со паркови и зеленило“, рече Ганиу.
Додека не се најде решение, дополнителен проблем за граѓаните се високите температури кои надминуваат 40 степени Целзиусови и смрдеата уште повеќе се зголемува.
Авни Тахири