Скопје сè уште молчи, но Киев се заблагодарува за воените „летала“
Скопје сè уште молчи, но Киев се заблагодарува за воените „летала“

Во што се состои воената помош за Украина останува тајна. Од Министерството за одбрана денеска повторија дека трите одлуки за донирање воена помош сè уште не се декласифицирани. Дел од медиумите пишуваа дека станува збор за тенкови и четири авиони „сухои-25“, претходно набавени токму од Киев, но овие информации не беа потврдени од Министерството. Сепак, Михајло Подољак, советникот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, во твит на украински јазик од саботата и се заблагодари на земјава за подарените тенкови и летала, без да прецизира дали станува збор за авиони или пак хеликоптери. Од ресорното Министерство велат дека Владата досега донела неколку одлуки за воена-техничка помош со кои ѝ се помага на Украина да го одбрани својот територијален интегритет, што е загрозен од воената интервенција на Русија. Воена помош се донирала во неколку наврати.
„Со досега донесените одлуки не се нарушува борбената готовност на нашата армија. Министерството за одбрана и Армијата е во процес на реформа и модернизација кој предвидува динамична набавка на современа техничко-технолошка опрема во согласност со цврсто определени приоритети, приоритети за остварување на соодветни НАТО-цели“, велат од Министерство за одбрана.
Инаку, Владата уште на 28 февруари, само неколку дена после руската инвазија, донесе одлука за донација воени средства и опрема за вооружените сили на Украина, а видот на средствата ќе бидат во согласност со потребите на Киев. По информацијата за донацијата на тенкови од Москва потегот го оценија како „голема грешка“, а домашните власти одговорија дека „С. Македонија е суверена земја која одлуките ги носи самостојно, почитувајќи го меѓународното право“.
Лука Андреев