ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Со донација од Франција ќе се унапредува противпожарната заштита во Берово

Во рамки на соработката со француската асоцијација „Working  together“ која се занимава со волонтерство, поддршка и унапредување на противпожарната заштита, Територијалната противпожарна единица од Берово доби нова опрема.

Со донацијата од Франција се унапредува противпожарната заштита во Берово, а како што соопштија од Општината, се разгледува можноста и за обезбедување донација од противпожарно возило.

Волонтерот во асоцијацијата, Жан Риер Флоранс кој е технички советник за возила и за пумпи и пожарникар со 42 годишно работно искуство,  истакна дека, во противпожарната заштита е многу важно,  правилно да се користи опремата и од тие причини, веднаш по доделување на опремата, неколку обучени лица од Франција, ќе извршат обука на беровските пожарникари, за сите можности кои ги нуди опремата и начинот на кој истата се користи.

Претставници на асоцијацијата заедно со градоначалникот Звонко Пекевски ја посетија противпожарната единица во Берово, каде што со пожарникарите разговараа за работата на единицата, за ресурсите со кои располага единицата и за реалните потреби и проблемите со кои се соочуваат.

-Во рамките на средбата упатив срдечна благодарност, што токму Берово е изберено за донирање на опрема и очекувам успешна соработка. Од наша страна ќе обезбедиме се што е потребно како логистичка поддршка, за опремата успешно да пристигне во Македонија.Сметам  дека донираната опрема, во значителна мера ќе ја унапреди работата на ТППЕ Берово, рече Пекевски.

Благодарност до присутните преставници од француската асоцијација, изрази и командирот на ТППЕ Берово, Сашко Руменовски, кој ја посочи потребата од обуки на пожарникарите, како неминовна, во насока на унапредување во противпожарната заштита, истакнувајќи дека територијалната противпожарна едница од Берово ќе ги стави сите свои ресурси на располагање, за успешно воспоставување на соработката и за унапредување на услугите на локално ниво.

Асоцијацијата  „Working  together” од 2009 година е присутна и со посредство на Француската амбасада помага во делот на противпожарната заштита во Македонија. Моментално се на посета во Македонија, во повеќе градови и имаат за донирање неколку противпожарни возила,  кои ќе бидат донирани во неколку градови во текот на месец јуни годинава.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button