Со намален број на верници се одбележа Бадник

Со намален број верници на дистанца и со маски, во Соборниот храм во Скопје се одбележа Бадник. Поглаварот на МПЦ , г.г. Стефан ги освети погачата и бадниковите гранчиња , а годинашен кум на манифестацијата беше епидемилогот Никола Пановски кој на граѓаните им порача да имаат трпение и надеж дека годината ќе биде подобра од претходната.
„Секој ден ќе биде полесен од претходниот. Само уште малку трпение да не ја расипеме работава на крај. Ќе имаме поубава година и до година да се собереме како што приличи на секој Бадник овде оро да се игра, музика, па и ракијче да се напиеме“-иазјави Никола Пановски, кум на Бадник.
Традиционално кумот заедно со семејството замина на кочија со бадниковиот ќуп. На денешното одбележување присуствуваше и годинашниот здравичар доктор Миодраг Врчаковски.
Во услови на епидемија, бадниковите гранчиња во Соборниот храм беа делени на главниот влез на црквата и пред камбанаријата, а изостанаа традиционалните детски бадникови поворки како предвесник на утрешниот христијански празник Божиќ.