ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Советот на јавни обвинители денеска ќе носи одлука за формирање комисија за изборот на шеф на Организиран криминал

Советот на јавните обвинители денеска ќе ја одржи 67. седница на која, како што е најавено, ќе треба да гласа за избор на јавни обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).

На седницата треба да се гласа за избор на четворица јавни обвинители во ОЈО ГОКК, по огласот што беше објавен во април оваа година.

Меѓу другото, на дневен ред на 67. седница на Советот на јавни обвинители, ќе биде и донесување одлука за формирање Комисија за спроведување на гласањето за избор на основен јавен обвинител на ОЈО ГОКК

Станува збор за прв ваков избор на шеф на Обвинителството за борба против организираниот криминал и корупција, во согласност со член 66 новиот Закон за јавни обвинители, основен јавен обвинител на ОЈО ГОКК се избира од страна на Советот на јавни обвинители по спроведено гласање од страна на сите јавни обвинители во Република Северна Македонија.

На огласот за избор се пријавени петмина кандидати, а гласањето ќе биде на 7 ноември.

Советот на ЈО во рок од седум дена по гласањето треба да одржи седница на која ќе донесе одлука за именување на јавниот обвинител што добил најмногу гласови од листата на пријавени кандидати.

Мандатот на суспендираната шефица на ОЈО ГОКК, Вилма Русковска, истекува на 14 ноември, а за нејзина времена замена на 29 август беше назначен обвинителот Трајче Пеливанов.

Основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција се избира за време од четири години, од редот на избраните јавни обвинители со право на повторен избор.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button