ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Советот на ЈО го именува Абази за шеф на ОЈО ГОКК

Советот на јавни обвинители го именува Ислам Абази за основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Скопје.

На денешната 70-та седница, Советот донесе и решение за мирување на функцијата на Абази како јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство во Гостивар, од каде доаѓа на функцијата шеф на ОЈО ГОКК.

Љубомир Јолевски, со уште неколку члена на Советот на ЈО, Иџет Мемети, Арбер Исаку и Коле Штерјев, ја посочија досегашната работа на Абази како шеф на Вишото јавно обвинителство Гостивар, во чиј мандат во правата година биле преполовени, а потоа и целосно расчистени сите застарени предмети, што, како што посочија, е добар показател за неговите менаџерски и стручни капацитети.

На изборите за шеф на ОЈО ГОКК на 7 ноември, Абази освои најмногу гласови – 66, втор од четворицата пријавени кандидати по бројот на добиени гласови (64) беше Ермон Незири, Вилма Русковска освои 14, а Деса Пауновска десет гласа. Од вкупно 163 јавни обвинители петмина не гласале, а четири гласачки ливчиња биле неважечки.

Ова беше прв ваков избор на шеф на ОЈО ГОКК по измените на Законот за јавни обвинители, каде согласно член 66, основен јавен обвинител на ОЈО ГОКК се избира од страна на Советот на јавни обвинители по спроведено гласање од страна на сите јавни обвинители во земјава.

Основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се избира за време од четири години од редот на избраните јавни обвинители со право на повторен избор.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button