Спасовски очекува до крајот на летото да се постават камери кои ќе регистрираат прекршоци на патиштата и низ градовите

До крајот на летото се очекува поставување на камери на автопатиштата, експресните патишта, но и низ градовите, кои ќе регистрираат сообраќајни прекршоци, најави денеска министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
-Во однос на поставувањето на камери коишто ќе овозможат на тој начин електронски да се заврши практично контролата во овој дел, не само на автопатиштата, туку и во градовите, ние веќе започнавме со реализација на целиот тој проект. Јас очекувам дека можеме некаде до крајот на ова лето да биде инсталиран системот и да се започне со тој вид на контроли со тоа што нема да биде и постојниот начин на контролирање на безбедноста во сообраќајот запоставен. Напротив, сите многу активно ќе се вклучиме во овој дел, вели Спасовски.
Министерот за внатрешни работи појасни дека целиот тој проект е генерално за да се опфатат сите делови на државата.
-Ќе постојат и фиксни и мобилни уреди коишто ќе можат да бидат поместувани на различни делови, не само на еден магистрален, регионален или, пак, автопат. Така што, идејата е да опфатиме што е можно поголема територија на државата и секако понатаму да има можност да тој проект се проширува и да се користи. Важно е дека на тој начин не само во делот на сообраќајот, туку и во делот на јавната безбедност ќе имаме можност поголема за да имаме поголем успех во ефикасноста во работењето, вели Спасовски.