Спасовски: Во 2021 имавме генерално стабилна безбедносна состојба

Министерот за внатрешни работи во своето новогодишно обраќање излезе со оценка дека годината што изминува од безбедносен аспект била стабилна.
„Од аспект на Министерството за внатрешни работи, имавме генерално стабилна безбедносна состојба во текот на целата 2021 година, со тенденција на намалување на инкриминациите во споредба со истиот период од минатата година и вкупна ефикасност од околу 61%; со биланс од седум сузбиени организирани криминални групи, со пресечени 16 меѓународни транспорти на марихуана и хашиш, со одлични резултати во заплената на наркотична дрога во вкупна проценета вредност од 15 милиони евра, а тука би ја додал и заплената на 1.555.600 таблети псеудоефедрин во вкупна количина од 1 тон и 15 килограми, од кој употребен како прекурсор би се произвеле околу 700 килограми синтетичка дрога, метамфетамин, кој на црниот европски пазар за споменатата количина може да достигне вредност од 10 милиони евра. Бележиме зголемување за 23,4 % и на откриените кривични дела од областа на недозволена трговија со оружје и повеќекратно зголемување на заплените на оружје, муниција и пиротехнички средства; со зголемување на откривачката дејност за 58,3% во делот на корупцијата за разлика од претходната година; со тенденција на намалување на бројот на жртвите во сообраќајните несреќи“, вели Спасовски.