Спласна еуфоријата кај институциите за законот против коцкање
Спласна еуфоријата кај институциите за законот против коцкање

Цели две недели, Министерството за финансии не одговора на десетината повици, СМС и имејл пораки за став во врска со предлог Законот за игри на среќа. На оваа тема ресорното министерство не достави никаков одговор до Алсат. Тотален игнорантски однос имаа ова министерство по предлог на законско решение кое доаѓа токму од таа институција. Причината останува нејасна, зошто никој не одговара дали предложените измени на Законот за среќа ќе бидат повлечени, и доработени или пратениците ќе расправаат по предлозите кои се доставени пред 40сетина дена. Во предложените измени освен дислокација на објектите од 500 метри од образовни институции, има и новини во вид на поголеми давачки на компаниите од оваа дејност кон државата.
Предлог Закон за игрите на среќа
„Се зголемува надоместокот за издавање на лиценца за автомат клуб од 78 илјади 750 евра на 100 илјади евра. Оваа сума се однесува за три деловни простории и се воведува надоместок од 30 илјади евра.“
Од оваа фела велат дека доколку целта е да ги заштитиме младите од обложување предлагаат да се зголемат казните за затекнато малолетно лице на уплатно-исплатните места на приредувачите и да се предвидат казни за родители или старатели на малолетниците кои се затекнати на уплатните места. Да се зголемат и казните за обложувалниците, доколку дозволат лице под 18 години да влезе во објектот.
„Оддалечување на објектите за игри на среќа кои се претставуваат како наводна „заштита, унапредување или регулација“на индустријата, имаат цел да затворат една цела легална гранка. Ваквите решенија се спротивни на сите меѓународни и ЕУ стандарди“, велат од Асоцијација на спортски обложувалници.
Предложените измени на актуелното законско решение во јавноста се појавија првично како шпекулации пред две години, па во вид на иницијатива од група граѓани кои се против работата на обложувалниците. Сега кога се ставени во сериозен државен документ, надлежните молчат и не откриваат што ќе се случува понатаму. Реакциите за носењето на овие измени започнаа од австрискиот амбасадор во Македонија, па потоа и од претседателот на Австрија кој имаше средба со македонскиот претседател Стево Пендаровски кои побараа да не се злоупотребува европското знаменце при носењето на овие измени. Дополнително, Пендаровски побара да се повлечат овие измени и да се достават нови по одржани јавни расправи со засегнатите страни.
Но, Алсат дознава и дека позади сето ова се крие и можност за влез на нова голема компанија од дејноста игри на среќа и тоа од соседна Србија.
Иле Петревски