
Ректорскиот колегиум на Универзитетот во Белград го разгледал повикот за дијалог упатен од српскиот претседател Александар Вучиќ на 3 февруари 2025 година и, изразувајќи го единството на Универзитетот, донесел одлука да не го прифати повикот во вакви околности.
„Низата недоследности во јавните изјави на претставниците на државните органи не убедува дека дијалогот кој би довел до исполнување на студентските барања е можен, ниту пак дека е делотворен, доколку се организира меѓу две страни кои немаат мандат да расправаат за барањата и на кои тие барања не им се ниту упатени“, се наведува во соопштението.
Дополнително се истакнува дека „повикот за дијалог доаѓа во момент кога се прекршени сите морални и законски норми, во атмосфера на општа недоверба“.
„Како претставници на Универзитетот и академски граѓани, дополнително сме обесхрабрени од можноста за предложениот дијалог поради континуираните напади насочени против академската заедница во медиумскиот простор, како и сè побруталните, недозволиви физички напади во јавниот простор“, се додава во соопштението.