ССРСМ бара бесплатниот јавен превоз да важи за сите средношколци, предлогот ќе го достави во Собранието

Сојузот на средношколци на Република Северна Македонија (ССРСМ) денеска во Собранието ќе поднесе Предлог за измени и дополнување на Законот за средно образование, во членот што се однесува на правото на превоз на учениците, со кој бараат бесплатниот превоз да важи и за средношколците од приватните училишта и за учениците со попреченост од државните училишта.
Сојузот денеска промовираше видео со анкета од ученици од приватни училишта кои немаат право на бесплатен превоз и сметаат дека се дискриминирани, посочувајќи дека и нивните родители се даночни обврзници на државава, а има и ученици кои студираат приватно со стипендија. Во анкетата тие истакнуваат дека имаат потреба од превоз до и од училиштето, како и за воннаставни активности, исто како и учениците од јавните средни училишта.
Претседателот на ССРСМ, Лука Павиќевиќ соопшти дека се работи за околу две илјади од вкупно 71 илјада средношколци во државава и информираше за сите активности што ги презеле во остварувањето на оваа цел во изминатата година, вклучително и средби со градоначалничката на Скопје Данела Арсовска и вицепремиерката Славица Грковска, како и со претставници на Клубот на млади пратеници.