Стано: Нема најава за каква било средба меѓу Белград и Приштина, не коментираме шпекулации

Портпаролот на Европската комисија, Петер Стано, денеска изјави дека нема најава за некаква претстојна средба во рамките на дијалогот меѓу Белград и Приштина со посредство на ЕУ и дека не сака да ги коментира шпекулациите дека наскоро би можел да има дијалог на високо ниво.
„Прво, ние никогаш не коментираме никакви шпекулации, а второ, нема најава што можам да ја дадам за каква било претстојна средба во рамките на дијалогот, со посредство на ЕУ“, рече Стано на брифинг со новинарите во Брисел.
Специјалниот пратеник на Европската унија за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, на 6 октомври изјави дека ќе работи на подготовка на следниот состанок на главните преговарачи на Белград и Приштина во Брисел, како дел од дијалогот со посредство на Европската унија и посочи дека би сакал средбата да се одржи во наредните недели.