ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Струга, Мерко потрошил 27.500 евра по ресторани среде пандемија

Рамиз Мерко од општинскиот буџет потрошил 27.500 евра во 2020 година за репрезентации, односно за јадење по ресторани. Во изминатите три години, односно за 2018, 2019 и 2020 таа сума изнесува скоро 78 илјади. Парите се трошени од програмата „Градоначалник – за расходи и репрезентација“. За овие трошења реагираа од опозицијата.

„Минатата година во услови кога имавме вонредна состојба, кога угостителските објекти работеа со рестрикции, се потрошени 27000 евра. На тој начин се злоупотребени парите на граѓаните… На последната седница градоначалникот не го негираше фактот дека тие пари се потрошени за репрезентација“, рече Ален Деребан -советник од ВМРО ДПМНЕ.

„Каде и кога јадевте ручеци и вечери кога знаеме дека од 11 март сме во изолација? Долго време рестораните беа затворени, кога повеќе од 4 лица сè уште не можат да се соберат и да јадат во ресторан? Каде потрошивте 27.500 евра за репрезентација?“, вели Рајмонда Мамуди-Советник Алијанса на Албанците.

И многу граѓани на Струга реагираат на високите суми кои се трошат за вакви намени.

Мислам дека ова не е на добро и мислам дека народот треба малку да размисли кого ќе гласа на следните избори…“

„Тоа е лоша работа. Штом ги потрошиле, а нема одговорност… За ручеци, за вечери во време на пандемија, тоа е катастрофа…“

„Jaс тука многу малку живеам. Живеам во Словенија. Не е добро да се трошат пари од народот…“

„Луксуз е ова. Точно дека е луксуз. За мене како економист – тоа е многу. Можело да се скрати“, реагираат граѓаните.

Мерко не беше достапен да одговори каде и како се трошени овие пари? Испративме прашање и по електронски пат, но одговор не добивме ниту на тој начин. Инаку, со буџетот за оваа година, мнозинството на Мерко му предвиде пари за истата намена од приближно 50.000 евра.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button