ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

„Стружани заслужуваат поквалитетен живот“, организации реагираат за депониите

Единаесет граѓански здруженија од Струга во писмо до локалните власти бараат општината да преземе итни мерки за решавање на долгогодишниот проблем со депониите. Купишта смет и градежен шут сè повеќе неконтролирано се акумулираат на различни локации низ општината, покрај сите пристапни и магистрални патишта, на нивите, на самиот брег покрај Охридското езеро и покрај реката Црн Дрим.

„Од општински органи очекуваме во најскоро време да изнајдат начин да се справат со овие депонии и да ги казнат несовесните граѓани“, реагираат граѓански организации.

Во писмото кое го праќаат еколошки, спортски, планинарски и други друштва, тие го потсетуваат градоначалникот Мерко дека стружани имаат право на здрава животна средина.

„Сметаме дека е голем срам што како граѓани дозволивме првата слика за Струга, од каде и да доаѓаш, да бидат дивите депонии. Општина Струга е живеалиште на преку 60.000 жители кои плаќаат данок и заслужуваат квалитетен живот, животна средина и квалитетни јавни добра“, додаваат граѓанските организации.

Биологот Беким Зиба за Алсат вели дека општинските власти треба да се грижат многу повеќе за овој сериозен проблем.

„Мислам дека општината треба да биде поажурна и позаинтересирана, но и покреативна за решавање на овој проблем. Треба да биде поприсутна и на терен, да води повеќе грижа како да се среди овој проблем со којшто се соочува општината, но и со кој се окупирани самите граѓани…“, рече Зиба.

Речиси и да нема агол во Струга каде нема дива депонија. Од општинскиот инспекторат велат дека на неколку пати досега се обиделе да го решат овој проблем, но оти совеста на граѓаните била на ниско ниво, па депониите секогаш повторно се појавувале.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button