ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Студентите најавија блокади низ Скопје

Студентите ќе излезат на секојдневни протести и ќе ги блокираат булеварите низ главниот град ако Министерството за образование и наука (МОН) не ги исполни ветувањата кон нив, најави студентското движење Студентсти отпор – истото движење кое ги иницираше студенстските протести за подобрување на студенстскиот стандард во ноември минатата година.

Студентите се незадоволни од, како што велат, континуираната негрижа од МОН и непочитувањето на законските рокови за исплата на средстствата за субвенциониран студенстки оброк и за стипендија.

„Постојано се доцни со исплата на субвенциониран студентски оброк. Според законот, МОН е задолжен на секој 1-ви од новиот месец да исплаќа средства (околу 2500 денари) за претходниот месец, а студентите минатата недела ги примија средствата за јануари. Најнова информација од МОН е дека до 15 март сите средства ќе бидат исплатени и сите сметки подмирени. Сакаме да веруваме дека е тоа така, иако согласно досегашното искуство не можеме да бидеме оптимисти и да им веруваме на збор“, се вели во објавата на студенсткото движење.

Студентите се незадоволни и од, според нив, нетранспарентните преговори по однос на новиот закон за студентски оброк и додаваат оти засега немаат никакви официјални информации како би се одвивала зголемената исплата од, како што велат, „неверојатни 140 денари“ на дневно ниво.

Додаваат дека МОН доцни и со исплатата на стипендиите – како за оние кои аплицираат по првпат, така и за оние кои ја продолжуваат стипендијата, а незадоволство изразија и поради сè уште незапочнатата реконструкција на студенстките домови која МОН ја најави за почетокот на годинава.

„МОН преку својата континуирана негрижа ги принудува студентите повторно со протести и радикализација да си ги бараат своите права“, порачаа од Студенстки отпор.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button