Студентите од Белград тргнаа пеш кон Нови Сад

Студентите од белградските факултети, денеска околу 10:30 часот, тргнаа на протестен марш кон Нови Сад за да им дадат поддршка на своите новосадски колеги кои на 1 февруари, кога се навршуваат три месеци од несреќата на железничката станица во тој град, најавија блокада на сите градски мостови.
Студентскиот собир започна на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во Белград, од каде што студентите се упатија кон Универзитетот за криминалистика и полиција, каде, како што беше најавено, ќе застанат 15 минути за да им оддадат почит на загинатите во уривањето на натстрешницата на реконструираната железничка станица во Нови Сад.
Медиумите јавуваат дека студентската колона, која ќе биде придружувана од полиција, ќе ја обезбедуваат земјоделци на трактори и моторџии.
Предвидено е студентите да направат неколку паузи за време на маршот, како и да преноќат во Инџија.
Студентите во блокадата ги повикаа граѓаните да им се придружат, со сопствена организација на потребните ресурси.
Белградските студенти најавија дека и утре со велосипед ќе патуваат за Нови Сад.
Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ утринава изјави дека припадниците на тој ресор „целосно ќе ја обезбедат“ рутата на студентскиот марш од Белград до Нови Сад.