ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

„Судењето стана циркус“, рочиште за Ласкарци, роднините на жртвите обвинуваат

Денеска се одржа 120-то рочиште за несреќата од пред четири години кај Ласкарци која однесе 16 животи. Беа сослушани машинските вештаци кои работеа на проблематичното супервештачење, кое според семејствата на настраданите, настојува целата вина да ја префрли кај возачот на автобусот и целосно да се избегне одговорност за дефектите на автобусот.

Вештаците, иако признаа дека автобусот имал технички неправилности, велат дека тоа не довело до трагичната несреќа. Се двоумеа да одговорат дали возилото требало во таква состојба да се пушти во сообраќај.

„Ние само дадовме мислење, констатиравме дека автобусот има технички неправилности, но во однос на тоа дали требало да се дозволи да се пушти во сообраќај, не сме надлежни да кажеме да или не“, вели Зекирија Зекири, вештак.

Наводната вина на возачот на автобусот, меѓу другото, лежи и во тоа што, според претходните изјави на вештаците, тој не закочил. Прашања во оваа насока на Зекири му постави неговиот адвокат.

„Одговорив три пати, сега веќе четврти пат. Нас нè интересира системот за сопирање, а дали имало или немало знаци на кочење треба да утврдат сообраќајните вештаци“, додава вештакот Зекири.

Во меѓувреме и покрај големиот број одржани рочишта, судскиот процес денеска беше во тензична атмосфера. Членовите на семејствата на загинатите не сакаа да зборуваат пред камери, но за АЛСАТ изјавија дека процесот се претвора во вистински циркус.

Се чини дека судскиот епилог е далеку затоа што сè уште не е почнат распитот и разгледувањето на сообраќајното вештачење, а за механиката беа потребни 5 месеци.

Несреќата се случи во февруари 2019 година. Во процесот се обвинети вкупно шест лица, меѓу кои сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Бељули, одговорниот за превоз во компанијата, Ремзи Мифтари, возачот на автобусот Маноил Трифуновски и тројца вработени во станицата за технички преглед.

Ардит Рамадани

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button