Судењето за сообраќајната несреќа кај Ласкарци ќе се пролонгира

Пред самиот финиш се одложуваат судења за случајот Ласкарци. Денешното судење е одложено за во четврток. По смртта на Марко Зврлевски, обвинетиот Ремзи Мифтари мораше да ангажира нов адвокат, на кого пак сега му треба време да го анализира предметот за да го брани новиот клиент. Иако судењето почна во септември 2019, според адвокатот Дељо Кадиев кој брни дел од обвинетите, темпото на судења е забрзано.
Судечкиот судија за оваа седница имаше закажано две рочишта. Замислете, два дена во оваа седмица ние требаше да ја окупираме таа судница. Тоа е премногу. Од аспект на другите постапки коишто се закажуваат судења на месец, месец и пол… Видете вие имате период којшто би фатил три месеци собрани во една седница – изјави Дељо Кадиев, адвокат на одбрана.
Судењето е во фаза на презентирање докази. Обвинетите пред судот даваат своја одбрана. Потоа, одбраната и обвинителството можат да поднесат дополнителни докази. Тоа го најави само одбраната.
Законот дава можност за дополнување на доказната постапка. Верјотно некој од обвинетите ќе решат да приложат нешто и во дополнение. Меѓутоа, тоа пред се би биле веројатно материјални докази коишто не би довеле до одоговлекување на постапката. И единствено останува опција едно доказно средство коешто е во рацете на судот, а тоа е супервештачењето доколку судот се реши на тоа доказно средство – рече Дељо Кадиев, адвокат на одбрана.
Во февруари 2019 година автобусот на Дурмо Турс се преврте кај селото Ласкарци на автопатот Скопје – Тетово. Во страотната сообраќајка починаа 16 патници, а повеќе од 30 беа повредени. Според обвинението, причина за сообраќајката биле неисправни сопирачки и брзо возење. За сторени тешки кривични дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот има шест обвинети. Газдата на Дурмо Турс, Дурмуш Белули, одговорниот за транспорт Ремзи Мифтари, возачот на автобусот Маноил Трифуновски и уште тројца вработени во станицата за технички преглед во сопственот на првообвинетиот Белули.
Игор Стефановски