Судењето за убиството на Вања и Панче продолжува на 21 февруари

Со изведување на материјални докази од страна на Јавното обвинителство денеска во Кривичниот суд продолжи судењето за убиството на Вања и Панче.
Дел од изведените докази вклучуваа предмети собрани од местото на настаните и извештаи од техничка обработка на возилото Рено Кангу.
-Работни ракавици и отпушоци од цигари пронајдени во пластична чаша. Пронајдени и подигнати при извршеното обезбедување на доказен материјал од извршен увид на 7.12.2023 во подрумските простории на улица „Наум Наумовски Борче“, за да се утврди дали на истите има траги со идентификационо значење, рече обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска.
Дополни дека при извршен увид на 5.12.2023 на возило Ренџ Ровер се пронајдени јакна која што Кешишов ја носел на местото на настанот, вреќа во која починатиот Панче Жежовски бил закопан во дупката во која што е пронајден.
-Лопатата и останатите предмети, црната вреќа со голем куфер, црната вреќа со мал куфер, средна вреќа со две перничиња и теписон се предмети што се подигнати од извршениот увид на местото каде што е пронајдено телото на починатата Вања, дополни таа.
Кај обвинетиот Палчо, при претресите, имало пронајдени различни папки и документи, како и комуникации на социјалните мрежи.
Одбраната на Палевски не прифати да се изведат доказите од причина што не се наведени во листата на докази и побара дополнително време за увид во истите. Судот ја одложи расправата за 21 февруари.