Судири меѓу полицијата и демонстрантите пред градското собрание на Белград

Демонстранти со јајца и црвена боја ја гаѓаа зградата на градското собрание на Белград, каде што се одржа седница, на која, меѓу другото, беа усвоени ребалансот на буџетот за градските јавни комунални претпријатија и деталните урбанистички регулациски планови за градот.
Како што јави репортерот на Радио Слободна Европа (РСЕ), дошло до судир меѓу полицијата и демонстрантите.
Ѓорѓе Микетиќ од Иницијативата „Мостот останува“ (Мост остаје) во изјава за РСЕ рече дека полицијата привела петмина активисти на иницијативата.
Засега нема официјална информација од српското Министерство за внатрешни работи (МВП) за бројот на приведените.
Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека полицијата пристигнала пред зградата на белградскиот парламент „кога била повикана од вработени во таа институција за да се зачува јавниот ред и мир“.
Тој на седницата на српскиот парламент рече дека „полицијата не малтретирала граѓани и не ги идентификувала“.
„Дојдовме како полиција, бевме поканети од Градското собрание да го одржуваме јавниот ред и мир. Ние не одлучуваме кој влегува во зградата. Претпоставувам дека некој што е советник може да влезе, но никој не смее да внесе опасни предмети во зградата“, рече Дачиќ.