Судскиот совет донесе одлука за оглас за избор на нов претседател на Врховен

Судскиот совет донесе одлука да се објави оглас за избор на нов претседател на Врховниот суд во земјава. На два месецa од истекот на мандатот на актуелната претседателка Беса Адеми, судски формираше и Комисија која ќе ги разгледува критериумите за избор на нов прв човек на највисоката судска инстанца во земјава. Покрај Врховен, донесена е одлука за распишување на оглас за избор на претседатели на уште неколку основни судии ширум земјава.
„Се формира комисија за проверка на исполнетост на условите и критериумите за избор на претседатели на судови по донесена одлука за објавување оглас за избор на претседатели на Врховен суд, основен суд Берово, основен суд Делчево, основен суд Охрид и основен суд радовиш, во состав Весна Дамева, претседател на комисија, Ивица Николовски член на Комисија и Џенета Бектовиќ, член на Комисија“, рече Александар Камбовски, претседател на судски совет.
Како што неофицијално дознаваме, актуелната претседателка Беса Адеми ќе конкурира и за втор мандат, откако таа првично беше избрана за претседател на Врховен на 2 феверуари 2021 година токму од страна на судскиот совет. Советот веќе еднаш се обиде да ја разреши, но иницијативата пропадна откако не доби поддршка од мнозинството членови. Евентуалното разрешување на Адеми се најде на дневен ред во советот откако претходно претседателката јавно зборуваше за политички притисоци врз неа околу аболициите на експретседателот Ѓорѓе Иванов и евентуалната амнестија на поранешниот премиер во бегство Никола Груевски. Коалицијата ВРЕДИ тогаш објави дека зад тие притисоци врз Адеми стои ДУИ, кои имале цел да го вратат Груевски во земјава, но Адеми не ги слушала нивните инструкции. Како еден од најистакнатите членови од ДУИ кои учествувал во вршење на овие притисоци беше посочен Артан Груби кој пак кон крајот на минатата година заедно со апелациониот судија Енвер Беџети заврши на црната листа на САД поради корупција за примање на мито за предмети поврзани со порашениот шеф на УБК, Сашо Мијалков.
Михајло Донев