ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Судството, најкритикувана власт во минатата година

2023 година забележа драстичен пад на довербата во судскиот систем и владеењето на правото во земјава. Сè започна со разрешувањето на шефицата на Судскиот совет, Весна Дамева, преку постапка која беше спорна од самиот почеток.

Advertisements

Како да не беше доволен фактот што земјата го започна процесот на скрининг за поглавјата за владеење на правото, измените во Кривичниот законик го поткопаа системот. Застареа и згаснаа сите предмети за кои актуелната власт долги години тврдеше дека ќе има одговорност. Според актуелната власт, од затворски казни се спасија поранешни функционери Никола Груевски, Сашо Мијалков, Миле Јанакиевски и многу други.

За предложените измени на Кривичниот законик беше алармирано дека ќе ги разнишаат темелите на владејачката коалиција, но тоа не се случи. Министерот за правда, Кренар Лога рече дека се нашол пред свршен чин и оти предложените измени поминале во Владата и биле доставени до Собранието додека тој бил во странство. Измените ги потпишала заменик-министерката за правда.

Во јуни, без најава, адвокат од Скопје побара од Врховниот суд да ја врати аболицијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов. Битката на Врховниот суд и приговорите за оваа иницијатива продолжуваат и денеска и може да бидат основа за разрешување на претседателката на овој суд, Беса Адеми.

Европската Унија во септември испрати оценувачка мисија за работата на Судскиот совет, од чиј извештај произлегоа 40 препораки кои советот и секоја идна влада треба да ги имаат како приоритет. Во извештајот се нотира нетранспарентност во работата на советот и судовите, додека министерот за правда и претседателот на Врховниот суд, иако се членови на советот по службената должност, не се обврзани да бидат дел од седниците на советот, односно нивното отсуство на седницата не се коси со законот.

Лога предложи закон за амнестија, но парламентарното мнозинство, односно коалициските партнери го предадоа и предлогот не доби зелено светло. За ова неговата партија најави мерки како излегување од Владата, но тоа не се случи.

Иако се очекуваше санкција за судијата кој ги чуваше предметите на Мијалков во фиока и со тоа го спаси од најголем дел од казните, Судскиот совет одлучи Енвер Беџети да добие парична казна, но не го разреши.

Судската администрација веќе неколку месеци протестира и бара подостоинствени плати, но власта ги игнорира со образложение дека со буџетот за оваа година не се планира зголемување на платите на административните службеници во правосудниот систем.

Адријан Керими

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button