ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

„Свилен гајтан“ за претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми

Неделникот „Фокус“ и порталот „СДК.МК“ јавуваат за официјалн иницијатива во Судскиот совет за разрешување на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми. Според двата медиума кои се повикуваат на извори во Советот, иницијативата ја поднел член на Советот. Но, од ова судско тело не откриваат дали информацијата е вистинита или не, бидејќи се повикуваат на веродостојноста на постапката.

„Постапката е класифицирана и во моментов не можеме да дадеме информации за овој предмет“, рекоа од Судскиот совет.

Иницијативата за разрешување, според „Фокус“ и „СДК.МК“, се заснова на член 79 од Законот за судови, а во содржината се истакнува пристапот на Адеми и нејзините одговори во последното интервју дадено за порталот „СДК.МК“.

„Со ваквиот пристап и овие постапки, претседателката на Врховниот суд, како член на Судскиот совет, не само што спречи и оневозможи Судскиот совет да ја врши основната работа, туку покажа и недостаток на професионална и правна култура, дејствие кое влијае на намалување на довербата на граѓаните во судството постапувајќи (во својство на претседателка на Врховен суд) спротивно на Законот за Судски совет и Законот за судови“, се наведува во иницијативата за разрешување.

Алсат на 13 ноември објави дека поради интервјуто и јавното пријавување на на политички притисоци за враќање на аболицијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, Беса Адем може да се соочи со одговорност. Но, Судскиот совет тогаш ја демантираше ваквата иницијатива потсетувајќи на законските процедури како се разрешува судија или претседател на суд.

Дека ќе има некаква постапка најави претседавачот на ова тело Сашко Георгиев дента кога Беса Адеми не се појави на работната средба на 6 ноември. Тогаш Георгиев изјави дека советот ќе направи сè за да се провери, како што рече, фактичката состојба во Врховниот суд, да се констатира дали се работи за личен притисок врз Адеми или за колективен притисок врз сите врховни судии.

А, иако не кажа директно, Адеми навести дека притисоците се засновани на одлуката на Врховниот суд да не ја враќа аболицијата која ја даде тогашниот претседател на државата, Иванов во 2016 година. ако таа се вратеше потенцијално ќе резултираше со апсолутна амнестија на екс-премиерот Никола Груевски од сите процеси кои се водат против него.

За постапувањето на Советот во однос на Беса Адеми, американската амбасадорка во Скопје, Ангела Агелер во изјава за Алсат ја изрази својата загриженост за неисполнувањето на законските должности од страна на Судскиот совет.

Адриан Керими

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button