ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Потпишана декларација на албанската опозиција

Тројцата лидери на албанските опозициски партии, Африм Гаши, Биљал Касами и Изет Меџити во име на своите партии ветија дека ќе се ангажираат, меѓу другото, за:

„Бескомпромисна уставна и правна битка со криминалот, корупцијата и злоупотребата на правдата, целосна еднаквост меѓу двете државотворни нации (Македонците и Албанците) преку елиминирање на сите актуелни уставно-правни дефиниции изразени во нумерички термини кои денес служат за дефинирање на правата на албанската нација. Изготвување национална стратегија за враќање на мигрантите способни за работа и неотуѓиво поставување на меритократија во правото на работа и напредување во кариерата“, пишува во декларацијата.

Декларацијата беше потпишана синоќа на манифестација по повод 28 Ноември, Денот на албанското знаме. Во соопштението се нагласува посветеноста за интеграција во ЕУ, развој на образованието, рамномерен регионален развој, ревизија на системот на плати во јавниот сектор, како и поддршката на приватниот сектор.

„Оваа опозиција е политичка платформа која заедно со граѓанското општество, со сите оние кои мислат поинаку е решена да го победи организираниот криминал, спонзориран од владејачката партија“, вели Изет Меџити, Демократско движење.

„Верувајќи дека полноправното членство во ЕУ не е само цел на граѓаните, туку и единствено решение за јазолот на долгата и напорна транзиција што ги испразни нашите срца, тука сме да прогласиме дека интеграцијата во Европската унија е примарна цел на коалицијата Европски сојуз за промени“, рече Африм Гаши, Алтернатива.

„Од тука сакам да ги уверам сите граѓани дека ќе ги отстраниме сите законски и уставни дефиниции со кои се запоставува остварувањето на правата на Албанците, а во многу случаи се и навредливи“, рече Биљал Касами, Движење Беса.

Во потпишаната декларација се наведува дека Европскиот сојуз за промени останува отворен за поединци, здруженија и други партии и оти ќе излезат со свој заеднички кандидат за претседател на државата, а заедно ќе бидат и на парламентарните избори.

Фатлуме Дервиши

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button