ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Танцување на дистанца и мерење на температура – објавени Протоколите за свадби

Пред гостите да влезат во локалот каде треба да се оддржува свадбената прослава задолжително ќе треба да ги дезинфицираат рацете и на секој гостин треба да му се измери температура. Гостите не смее да се ракуваат и гушкаат со младоженците, и помеѓу нив со останатите присутни на забавата. Од владата денеска потврдија дека жива музика ќе има само на свадбените прослави но под услов бендот да е поставен најмалку пет метри од масите на кои има гости.

Младоженците мора да достават список на гости кои може да бидат легитимирани од менаџментот на локалот каде се оддржува веселбата а свадбата мора да биде пријавена во Угостителската комора каде членува ресторанот. Оро и слични танци не смее да има, може да се игра на подиум ама на дистанца.

„Дозволено е играње на подиум, тоа го предвидува протоколот, со обезбеден простор од четири метри квадратни по лице со почитување на препорачената дистанца“, рече Мухамед Хоџа портпарол на влада.

Одлуката на владата да може жива музика само на свадби, а не и во кафе баровите, пабовите и останатите ресторани ги налути музичарите. Доколку не ја променат оваа одлука и не им биде овозможено да свират во сите угостителски објекти се заканија дека во петок ќе излезат на протест.

„Зошто свадбите и музичарите кој настапуваат по свадби би биле привилегирани сега во однос на другите? Каде се протоколите за мали настани (кафулиња, ресторани, ноќни клубови, барови, кафани, и други угостителски објекти) кои ви ги предадовме изминатото лето? До кога ќе трае оваа дискриминација, бидејќи за тоа се работи, ЗА ДИСКРИМИНАЦИЈА“, реагираат од Здружението на музичари „Музика сега“.

Објектот во кој ќе се организира свадба мора да биде отворен од три страни, за да ги задоволи превентивните мерки и протоколи на надлежните. Вчера угостителите напоменаа дека од 150 регистрирани објекти за свадбени прослави само неколку би ги задоволиле критериумите кои ги бараат од владата. Засега не е дозволено да се слави во затворениот дел од локалите. Доколку гостите влезат во тој дел, задолжително мора да носат заштитна маска. А, денеска од индустријата за организирање на бизнис настани, семинари и конференции се пожалија дека од најавената помош од два милиони евра во април засега немаат добиено ништо.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button