Тензично на судењето на обвинетите доктори за родилката Веапоска

Во напната атмосфера денес продолжи судењето за родилката од Дебар, Јилдиз Веапоска, на која во 2020 година после породувањето со царски рез во струшката болница поради сè уште нејасни причини ѝ беа извадени три органи – јајник, матка и еден бубрег. Вештачењето на одбраната е во спротивност со она на судска медицина и во него стои дека двајцата лекари и го спасиле животот на Веапоска, бидејки таа била во животно загрозувачка состојба.
Првообвинет е гинеколот Мухамед Асани, а потоа неговиот син Блертон Асасани. Трето обвинета е докторката Лилјана Јованоска. Тие се товарат за предизвикување тешки дела против здравјето на луѓето.
„Јас сум благодарна за мојот живот што го спасија, а тоа се докторите од клиниката во Скопје и тоа доктор Скендер Саиди кој беше оператор на мојата операција. Но, овие доктори не ми го спасија животот. Овие доктори ми го упропастија животот, ме направија инвалид и ме направија жена која неможам повеќе да раѓам и да имам повеќе деца“, рече Јилдиз Веапоска, оштетена.
„Самиот вештак не даде конкретен одговор на моите вкрстени прашања. Јас затоа сум убеден дека има само едно вештачење, а тоа е на судска медицина, кое покажува дека се пропуштени многу работи при операцијата“, изјави Сашо Јанев, адвокат на Јилдиз.
Доктор Асани и денес не сакаше да зборува пред камера. Само кратко одговори.
-Докторе ќе може ли да го слушнеме и вашиот став?
„Ќе го слушнете на крај“, рече тој.
Адвокатот на третообвинетата Јовановска, смета дека за неа нема никакви докази за вина.
„Мислам дека тие како стручни лица најдобро ќе се усогласат, а потоа стои опцијата за супер вештачење, но во моментот јас на тоа не размислувам бидеки сметам дека за трето обвинетата не гледам никакви докази за вина“, рече Александар Новаковски, адвокат на Лилјана Јованоска.
Поради недостиг на судии во Струга, судењето сега го води судија од Скопје.
Мики Трајковски