„Тигрите“ на МВР наполнија 40 години, но елитната униформа досега не ја носел ниеден Албанец

Цели 4 децении ниту еден Албанец не бил дел од специјалната полициска единица „Тигри“. Вицепремиерот Артан Груби беше присутен на денешната прослава на 40-годишнината од формирањето на оваа единица. Запрашан како гледа на фактот дека досега во неа никогаш немало Албанци, Груби не сакаше да коментира со образложение дека после настанот не биле планирани изјави за медиумите. Став прати МВР. Според нив, вратите на елитната единица не се затворени за Албанците. Нивен член може да стане секој што ги исполнува условите.
„Во специјалната антитерористичка единица Тигри работат полицајци кои ги поминале релевантните тестови и апсолутно не е важно на која етничка припадност ѝ припаѓаат. Како што не е важно за ниту една друга единица во рамките на МВР. Постојано им огласи за пристап во оваа единица на кои можат да аплицираат полицајци без оглед на нивната етничка припадност“, велат од Министерство за внатрешни работи.
На настанот дојде и заменик-министерот за внатрешни работи Назим Буши, но не кажа дали нешто прави за застапеноста на Албанците во оваа единица. За строгите критериуми зборуваше командантот Митко Даневски.
Пред три години министерот Оливер Спасовски даде ист одговор. Рече дека униформата на „Тигрите“ не се носи врз основа на етничката или верската припадност, туку врз основа на подготвеностa. Но, поранешниот заменик на Спасовски, Агим Нухиу, истиот период во минатото тврдеше дека Албанците не можеле да станат дел од оваа специјална единица токму поради нивната етничка припадност.
„Не можам да навлегувам во причините, но сигурно имало причини од различна природа, не исклучувајќи и предрасуди по етничка основа“, изјави Агим Нухиу, поранешен министер за внатрешни работи.
Освен во Тигрите, застапеноста на Албанците е многу ниска и во елитните воени единици како што се „Волците“, „Ренџерите“ и „Шкорпионите“.
Анеса Салиху