ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

„Твитер-посета“ на еврокомесарот Вархеји во Скопје

Посетата на еврокомесарот за проширување и добрососедство Оливер Вархеји на Скопје мина во молк, далеку од очите на јавноста и медиумите и без официјални најави за активностите. Преку социјалните медиуми јавноста дозна дека се сретнал со премиерот Зоран Заев, а имаше некакви најави и за средби со претседателот Стево Пендаровски, со спикерот Талат Џафери и со опозицискиот лидер Христијан Мицкоски. Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, за „Слободен печат“ претходно изјави дека посетата на Вархеји на Скопје е поврзана со посетата што ја имаше пред неколку дена во Софија.

Властите во Скопје и понатаму се оптимисти дека ќе се најде решение со Бугарија. Кај нашиот источен сосед во ноември ќе има нови, трети по ред предвремени парламентарни избори од кои се очекува да се формира политичка влада. Османи вели дека останува надежта за 2-3 недели во декември пред крајот на словенечкото претседателство и почетокот на француското.

Но, владата не ги коментира вчерашните информации објавени од агенцијата Ројтерс. Според пишувањата, на самитот на 6 октомври меѓу ЕУ и Западен Балкан, во ЕУ сè уште не била постигната согласност да се повтори ветувањето кое е старо веќе 18 години, а тоа е дека се дава јасна поддршка за европската перспектива на Западен Балкан. Според Ројтерс од каде имале увид во нацрт-декларацијата, предлогот поминал најмалку две рунди преговори, но без договор меѓу земјите-членки.

Земјите на ЕУ, пишува Ројтерс нема да ги откријат своите позиции, но богатите северни земји како Данска, Франција и Холандија се плашат од повторување на брзото пристапување на Романија и Бугарија во 2007 година и лошото справување со емиграцијата и работниците од Источна Европа во Велика Британија што доведе многу Британци да се против ЕУ. Ројтерс, повикувајќи се на дипломатски извори, вели дека ЕУ индиректно ги влошува тензиите во регионот каде живеат 20 милиони луѓе.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, вчера престојуваше во Скопје и рече дека целта е С. Македонија и Албанија да започнат преговори за членство пред крајот на годинава.

Фатлуме Дервиши

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button