Три месеци државата не фати „големи риби“ од мрежата со лажните пасоши

Обвинителството сè уште истражува евентуална вмешаност на повисоко позиционирани службеници во МВР околу скандалот со печатење лажни пасоши за криминалци. Полицијата постапува по наредба на обвинител и утврдува кои раководители на сектори биле обврзани да вршат надзор врз издавањето документи, вклучувајќи ги и спорните пасоши.
„Треба да се утврди кои вработени во МВР, освен сега обвинетите, имаат пристап до личните податоци (имиња, ЕМБГ и адреси) на државјани на Република Северна Македонија кои немаат извадено патни исправи“, велат од Јавното обвинителство.
Но, оваа наредба да се провери хиреархиската контрола која можеби затаила е издадена пред повеќе од три месеци. Толку време полицијата проверува дали службеници од МВР замижале пред нелегалното издавање патни исправи. Дополнително МВР треба да го извести обвинителството кога спорните патни исправи биле користени на домашни и странски гранични премини.
„Во координација со Интерпол испратен е допис за запирање на лицата кои евентуално би се јавиле како корисници на ваквите пасоши, а се преземаат и активности за лоцирање за лицата кои таквите патни исправи веќе ги употребиле“, додаваат од Обвинителството.
За издавањето и изработката на лажни пасоши Обвинителството обвини 11 лица. Случајот го именуваше „Двојник“. Судењето заврши. Осум обвинети признаа вина, додека тројца не се спогодија и беа осудени во редовна постапка. Според истражните органи, биле издадени 214 лажни патни исправи – главно на криминалци кои се бараат со меѓународни потерници. Биле користени идентите на македонски државјани кои никогаш не аплицирале за биометриска исправа. Пасошите биле изработувани од јуни 2017 – та до крајот на 2020 – та година, а според информациите на полицијата еден лажен пасош, криминалците го купувале и за 20 илјади евра. За скандалот информираше опозициската ВМРО – ДПМНЕ која посочи дека на листата криминалци кои добиле пасош се и контроверзниот Турчин, Седат Пекер, како и членови на криминални групи од Црна Гора.
Бојан Стојановски