ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Царинска управа: Спречен обид за шверц на 50 тони дизел гориво декларирано како базно масло

Царинските службеници на Ќафасан спречиле обид за шверц на 50 тони дизел гориво декларирано како базно масло, а кое било транспортирано во две товарни моторни возила – цистерни. Против сторителите, како што информираат утрово од Царинската управа, се поднесени кривични пријави до Јавно обвинителство.

-На влез во државата на граничниот премин Ќафасан пристигнале две товарни возила со цистерни коишто се пријавиле за транзит. Испраќач на стоката е фирма од Албанија, а примач фирма од Република Северна Македонија. Поради сомневање во поднесената документација и видот на декларираната стока товарните моторни возила се задржани за понатамошна контрола. Притоа земени се и мостри за лабораториско испитување, се наведува во соопштението од Царинската управа.

Од добиените резултати од направената лабораториска анализа, како и од извозните документи добиени во соработка со албанската царинска администрација, е констатирано дека во двете товарни моторни возила – цистерни, наместо декларираното базно масло, има дизел гориво за кое увозните давачки во Република Северна Македонија се поголеми, односно дека е направен обид за избегнување на давачки во поголем износ при увоз на акцизна стока.

Вредноста на вкупната количина на дизел горивото во двете цистерни изнесува 3.121.626 денари за што царинските давачки изнесуваат 1.745.327 денари.

Од Царинската управа информираат дека возилата и горивото се привремено одземени и против сторителите се покренати соодветни судски постапки за кривично дело царинска измама по член 278а од Кривичниот закон. 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button