Царинската управа отвори предмет за внатрешна контрола за отпадното гориво

Царината ќе проверува како биле спремани царинските декларации за горивата кои се увезувале од 2018 до 2020 година. Оттаму за Алсат денеска соопштија дека засега не можат да кажат дали имало неправилности или пропусти од нивните редови по случајот кога отпадно масло било увезувано за горење во земјава под назнака дека е всушност мазут. Но, од царината не ни објаснија како е возможно да биде променета тарифната шифра на отпадното гориво кое загадува екстремно, со шифрата за мазут, кој инаку загадува помалку.
„Стоките во царинската декларација се декларираат врз основа на приложените документи (фактура, транспоретен документ – ЦМР, сертификат за потекло, сертификат за квалитет). Врз основа на овие документи, царинскиот застапник – декларант ја пријавува (декларира) стоката во соодветен тарифен број (шифра) во царинската декларација за увоз“, наведуваат од Царинската управа.
За случајот со лажниот мазут, од Царината утврдиле дека царинските декларации одговараат со дериватот.
„Царинската управа при проверката на податоците во декларациите утврди дека податоците од царинските декларации соодветствуваат со дериватот што е увезен…“, додаваат од Управата.
Од Царината не откриваат кога последен пат кичевската фирма „Евротим“ добила увезен мазут од босанската „Хифа Оил“, бидејќи, како што ни рекоа – информацијата била доверлива. Инаку, според истражувачката ТВ сторија, отпадното масло, лажно пријавено како мазут, во земјава се користело за загревање на болници и други државни институции, но и како погонско гориво во некои фирми како БРАКО и Еуроникел кај Кавадарци.
Игор Стефановски