Цела 2021 евроинтеграциите на државава под бугарска блокада

Бугарија цела година ја остави својата позиција непроменета во однос на Северна Македонија; нема датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ додека Скопје не ги спроведе бугарските барања. Претседателот Румен Радев беше поупорен; Бугарија ќе ги брани своите национални интереси и покрај притисокот однадвор и покрај промената на власта.
„Нема да кажам „да“ додека не видиме стабилен механизам за искоренување на искривената историја и навредливото однесување кон Бугарија од книгите, музеите, спомениците, медиумите и државната политика“, велеше Радев.
Новиот бугарски премиер Кирил Петков, кој ја формираше владата по три неуспешни изборни процеси, најави формирање на нови работни групи меѓу двете земји за повеќе области, кои ќе донесат резултати во следните шест месеци.
„Треба да направиме акционен план и на почетокот на јануари овие групи да имаат реални резултати, да даваат идеи за да продолжиме со преговорите со пооперативен план“, рече Петков.
Соседната држава, меѓу другото, бара вклучување на Бугарите во Уставот, отстранување на говорот на омраза кон Бугарите и ревизија на историските книги.
Фатлуме Дервиши