Цените на прехранбените производи се покачија од 5 до 25 денари

Основните прехранбени производи во земјaва за неколку дена станаа луксуз за граѓаните. Секој производ по укинување на владините мерките се продава за повисока цена од 5 до 25 денари во просек. Најголемо зголемување за еден ден доживеа маслото за јадење кое поскапе за 20 до 25 денари. Лебот се продава за 5 до 10 денари поскапо, шеќерот е зголемен за осум денари, брашното и млекото за 6 до 9 денари, оризот за 5 до 7 денари а гравот се продава по цена за 10 денари повисока.
Цени на храна:
Леб 5-10 денари
Масло за јадење 20-25 денари
Шеќер 5- 8 денари
Брашно 6-9 денари
Млеко 6-9 денари
Ориз 5-7 денари
Грав 5- 10 денари
Пазарните инспектори по повикот на вицепремиерот Фатмир Битиќи во изминативе денови спроведуваат засилени контроли. Казни за трговците или производителите може да има само ако не ја промениле цената на производот во евиденција, но не и ако се потврди дека вештачки ја зголемиле велат од пазарниот инспекторат.
„Факт е дека ние веќе утврдивме дека на одредени производи има ставено преголеми маржи, еден пример констатиран во петок во Гостивар макароните чинеле 45 денари на 31 мај, а на 3 јуни е констатирано дека истите чинат 69, денари меѓутоа сето тоа е евидентирано во приемниот лист и трговецот си го евидентирал како промена на цена. Ние не можеме да влијаеме на тоа трговците може си ги променат цените бидејќи е слободна пазарна економија, се тоа што е евидентирано и што смета дека трговецот може да го стави како маржа не е ограничено“, рече Анета Симеска Димоска, директорка на државен пазарен инспекторат.
За вицепремиерот Битиќи по добивање на извештајот на инспекциите јавно ќе бидат објавени компаниите кои вештачки ги зголемиле а тоа ќе биде најголема казна за нивното производство или продажба.
„Штом завршат со работа инспекциските служби, односно пазарната инспекција ќе излеземе со список на субјекти и на производи кои што одредени компании во малопродажбата го имаат направено, затоа што не можеме да прифатиме некој совесно да се однесува- ние имаме компании кои што продаваат со нула проценти маржа производи кои што имаа забрана, а некој за 60 до 70 проценти да ги зголемуваат маржите“, рече Битиќи.
Покрај цените на храната од денеска има нови зголемени цени на билетите на меѓуградскиот транспорт. Автобускиот билет на релација Куманово-Скопје поскапе за 20 денари и сега изнесува 170 денари. Додека пак, од Тетово – Скопје од 150 денари е поскапено на 200 денари. Од Владата се најавува нов сет на мерки до крајот на месецот насочени кон најралнивите граѓани и компании.
Андреа Чобанова