ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Туризмот бара нов сет мерки од Владата, имаат 5 барања

Туристичко-угостителскиот сектор бара државата да спреми нови мерки за помош. Алсат дојде до писмото адресирано до премиерот Заев, вицепремиерот Битиќи и министрите за економија и финансии Бектеши и Бесими. Меѓу другото, се бараат субвенции за платите од ноември 2021 – до март 2022 година, во висина од минималните 15.200 денари.

„За број на вработени лица потребно е да се земе месец октомври, бидејќи за време на сезоната вработуваме сезонски работници со договор за определена работа“, бараат од ХОТАМ.

Ако државата не им даде минимални плати, тогаш хотелиерите бараат да им бидат финансирани барем дел од придонесите во траење од 6 месеци и да им се субвенционира туристичката такса за годинава.

„Ако досега сме ги плаќале тие даноци кои бевме обврзани да ги плаќаме, во овие тешки моменти очекуваме таа помош да биде малку пореална и да добиеме една мала инјекција, што би придонело за една позитивна работа понатаму, како би биле поподготвени во сезоната која ни претстои 2022. Минимум два месеци ќе ни треба помош во плата“, рече Крсте Блажески-претседател на ХОТАМ.

Од ХОТАМ апелираат државата да им дозволи да може да организираат настани и прослави. На нив би дозволувале да влегуваат гости кои примиле две дози вакцини, прележале Ковид или имаат негативен тест.

„Моќта на хотелско-угостителскиот сектор да ја преживее претстојната зима, а воедно и да ги задржи постојните вработени е скоро и непостоечка. Затоа бараме да се изготват нов сет мерки“, велат од ХОТАМ.

Се бара да се намали и висината на финансискиот надомест што го плаќаат кон Здружението за заштита на авторски и музички права, а нов удар врз хотелиерите велат – е и повисоката цена на струјата, нафтените деривати, суровините и транспортот.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button