
Во Истанбул се одржува церемонија за почетокот на изградбата на Истанбулскиот канал. На него учествуваат највисоките државни претставници на земјата, вклучувајќи го и претседателот Реџеп Таип Ердоган.
Каналот „Истанбул“ треба да биде изграден западно од центарот на градот, од европската страна на провинцијата Истанбул. Ќе ги поврзе Марморното и Црното Море, ќе го ослободи Босфор и ќе го заштити градот, неговата природа и морето.
Подготвителната фаза ќе трае две години, а потоа би започнала изградбата на каналот долг 45 километри, широк околу 150 метри и длабок 25 метри, што е доволно за најголемите бродови да пловат низ него.
За да не се наруши патниот и железничкиот сообраќај, предвидена е и изградба на мостови. Првиот мост што ќе се гради како дел од проектот Истанбулски канал ќе биде висечкиот мост Сазлидер.
Според некои експерти, сообраќајот преку каналот „Истанбул“, без никакви ограничувања, потенцијално би претставувал опасност за безбедноста на црноморскиот регион и пошироко, затоа што покрај трговски бродови, танкери и слично, во Црно море би можеле да влезат и воени бродови. Ова би ја нарушило рамнотежата воспоставена со Конвенцијата во Монтре, со која се регулира сообраќајот преку Босфор.
Според Конвенцијата од Монтре, земјите што не излегуваат на Црното Море не смеат да ги чуваат своите бродови во регионот на Црното Море повеќе од 21 ден.