Тужбата за струшката депонија заглавена во судските лавиринти

Повеќе од една година, тужбата за загадувањето со депонијата во Струга се шета по судовите но разрешница нема на повидок. Македонското здружение на млади правници во април 2021 година, побара од Струшкиот суд да забрани понатамошно депонирање на било каков отпад на влезот на Струга и да ги задолжи општина Струга, јавното комунално претпријатие и Министерството за животна средина, да го исчистат и ревитализираат просторот. Апелациниот суд во Битола во меѓувреме прифати дел од жалбата , но за технички детали, а не за суштинското барање и одлучи предметот да го врати
на Основниот суд во Струга, пишува Алсат.
„Со оглед на одлуката, ова не оди во прилог на скоро решавање на овој проблем пред судовите во државата, односно не гледам некаква воља овој проблем да има позитивна судска разрешница, и да биде во полза на тужителите, односно граѓаните,и на сите оние кои сакаат поздрава животна средина“, рече Јасна Оровчанец Аранѓеловиќ-Македонско здружение на млади правници.
Од Македонската здружение го повикуваат судот да ги земе во предвид сите докази и да навлезе во суштината на спорот. И екологистите се загрижени од инертноста на институциите.
„Ние со години го креваме гласот за проблемот со нелегалната депонија, но за жал нема реакции од локалната но и од централната власт. Мислиме дека овој проблем станува веќе алармантен и зема загрижувачки размери како за луѓето така и за животните“, рече Беким Зиба, еколог.
Решавањето на проблемот со дивата струшка депонија, каде дневно се одлагаат и до 40 тони смет, беше едно од главните ветувања и на струшкиот градоначачник Рамиз Мерко. Но и по пет години, ветувањата на Мерко останаа само на зборови. Пропаѓа и претоварната станица каде што струшкиот отпад требаше да се пресира и потоа да се носи на друга локација. Таа и по повеќе од четири години откако е изградена, никогаш не проработе иако беа потрошени околу 340.000 евра./Алсат.мк
МИКИ ТРАЈКОВСКИ