Уапсен бизнисменот кој се бараше за проневера на 2 милијарди долари

Во рамките на акцијата „Мозок“ уапсен e бизнисменот Фарук Фатих Озер, баран по меѓународна потерница за измама на милијарди долари со криптовалути, соопшти албанската полиција. Тој избега од Турција, откако успеал да измами десетици илјади Турци, кои ги вложиле своите пари во турската виртуелна валута „Тодекс“, а се сметало дека влегол во Албанија година и пол порано за да избега од правдата. Бил уапсен во Химара, а полицијата му влегла во трага, десет дена претходно. Полицијата објави видеото на кое се гледа како го апсат и му ставаат лисици додека тој седи на кауч. Озер неодамна изнајмил стан во Елбасан. Турските медиуми денеска пишуваат дека албанските власти ја доставиле фотографијата на 28-годишниот маж до турските власти и побарале потврда за неговиот идентитет. Озер беше баран од турските власти од април 2021 година за измама од висок профил преку шема за криптовалути. Компанијата преку која работеше Озер прогласи банкрот, додека тој се бараше со меѓународна потерница. Тогаш беше објавено дека „вредноста на измамата што ја извршил турскиот државјанин Фарук Фатих Озер е околу 2 милијарди долари“.