Угостителите во Струга: Општината да се откаже од рестрикции во осветлувањето

И додека локалните власти во Струга најавуваат рестрикции на уличното осветлување, гледачи ни праќаат видео-снимки на кои се гледа, како светилките покрај градскиот кеј во Струга светат и преку ден. Во меѓувреме, угостителите и бизнисмените бараат локалните власти да најдат друг начин за заштеда на струја, а не со затемнување на градот. Велат дека тоа ќе остави лоши слика за туризмот.
„Мислам дека општината треба да најде решение, прво централните населби да имаат осветлување бидејќи и тие малку туристи кои се тука, треба да уживаат во градот во тој период. Треба да се најде начин да има рестрикции, но да не се изгуби она убавото и магично, што го има секој туристички град“, вели Агим Пошка-угостител.
„Струга е град полн со кафулиња, туристички објекти кои бараат соодветно осветлување. Не е добро ако кејот е во темница, а објектот да работи. Тоа не остава добар впечаток ниту кај мештаните и гостите. Ќе ги одврати…“, рече Здравко Голабоски- бизнисмен.
Реагираа и дел од партиите во Струга.
„Делови од градот и некои села и досега немаа можност да ја уживаат привилегијата да имаат улично светло. Можеби со оваа мерка ќе ги редуцираат и бесправно приклучените кон инсталациите за јавно осветлување, па нема да гледаме вклучени светилки по цел ден. Останатите граѓани ќе продолжат да плаќаат такса за улично осветлување кое за жал и досега го немаа“, наведоа од ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку, во буџетот за оваа година не било предвидено дека ќе дојде до поскапување на струјата и оти сметките на општината ќе станат повисоки за 3 до 4 пати од порано.
Мики Трајковски