ВЕСТИЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈА

Ултиматум до прехранбените фирми, за 20 дена да ги намалат цените!

Прехранбениот сектор има рок од 20 дена да ги намали цените на производите, во спротивно нема може да користат субвенционирана струја. Освен тоа, ќе добијат и казна бидејќи не се го почитуваат договорот со Владата за да ги намалат цените. На крајот на месецов анализата на Државниот пазарен инспекторат треба да покаже колку компании ги намалиле цените, а колку се богателе на грбот на граѓаните, иако користеле поевтина струја.

„Намалувањето требаше да се движи од седум до дванаесет или тринаесет отсто, во зависност од производот. Одредени домашни производи веќе ги намалиле цените, за жал некои не ги намалија и би требало до крајот на овој месец кога би имале конечен извештај на Државниот пазарен инспекторат и согласно тој извештај ќе се донесат одредени одлуки“, рече Бектеши.

Компаниите од прехранбениот сектор користат струја која чини 80 евра за мегават час, наместо 200 евра, колку што изнесува на слободниот пазар. Тоа буџетот ќе го чини околу 3,5 милиони евра до април. Но, откако од 1 декември 2022 година субвенцијата започна да се применува, во маркетите по поевтина цена се продаваат само неколку производи, а не сите како што првично беше договорено помеѓу Владата и производителите на храна. Граѓаните секојдневно се жалат дека наместо намалување на цените, во маркетите најголемиот дел од производите се продаваат по нови повисоки цени од пред воведувањето на субвенционираната струја.

Првичниот план на надлежните беше дека околу 200 компании коишто произведуваат храна ќе ја искористат мерката за поевтина струја, а со тоа како услов требаше да ги намалат цените на своите производи за околу 10 отсто. Но, откако стапи во сила оваа мерка, ниту половина од компаниите не беа заинтересирани да ја користат владината субвенција. Но, тоа не беше услов да не ги намалат цените на своите производи.

Дел од прехранбената индустрија сè уште се жали дека нема основ да ги намали цените поради скапите суровини од странство. Но, Меѓународната Агенција за храна и земјоделство ФАО веќе објави дека цените на храната на светските берзи се намалуваат девет месеци по ред. Но, во Македонија трошоците на живот за една година се зголемија за 20 отсто, а најголем удел во оваа инфлација има токму порастот на цените на храната.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button