Унгарското претседателство со Европската унија (ЕУ) уште еднаш ќе се обиде да ги убеди земјите членки да одобрат отворање кластер со Србија. Сепак, мали се шансите Србија да отвори кластер во декември, иако Унгарија потврдува дека нема да ги прекине ангажманите.
Во новите нацрт-заклучоци за проширувањето, во кои имаше увид Радио Слободна Европа, а кои треба да бидат усвоени на состанокот на министрите на ЕУ на 17 декември, само се наведува дека Советот на ЕУ „ја прифаќа оценката на Комисијата дека Србија го одржува нивото на подготвеност за првичните одредници во кластерот 3“.
Кластерите беа воведени во 2020 година кога беше усвоена ревидираната методологија за проширување на ЕУ. Има вкупно 6 кластери и во нив се тематски поглавја. Поглавјата во пристапните преговори останаа непроменети и ги има 35.
Кластерот 3 што Србија чека да го отвори е поврзан со конкурентноста и инклузивниот раст.
Ова е трета година како Европската комисија потврдува дека Србија е подготвена да го отвори овој кластер.