ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Уште гори депонијата кај Охрид, фрлаат земја, но проблемот останува

И додека туристите и охриѓани продолжуваат да се гушат од густиот темен чад кој доаѓа од дивата депонија Буково, која и понатаму непрекинато веќе втора недела гори, охридскиот градоначалник Кирил Пецаков вели дека прават напори со насипување на земја да се изгасне депонијата. Но, по сè изгледа дека тоа не дава доволно резултати. Најкритична е состојбата во вечерните и утринските часови, кога чадот се спушта до градот.

„Се санира на начин на којшто се депонира земја секојдневно по голема количина. Во однос на стражарската служба,тие кои треба да се грижат за безбедноста на депонијата и влезот е со камера обезбеден. Очигледно е дека можеби е потребно покривање на поголем простор со безбедносни камери, меѓутоа тоа само би помогнало околу сторителот, а не околу она коешто нас би помогнало и на нас како град и како депонија“, вели Пецаков.

А, додека од Буково се шири смрдеа низ Охридско, се чини дека и проектот за изградба на регионална депонија за југозападниот плански регион како да тапка во место. Наспроти ветувањата на министерката за животна средина, Каја Шукова дека регионалната депонија кај битолското село Новаци, каде општините од Југозападниот и Пелагонискиот регион треба да го носат отпадот, ќе биде готова до крајот на 2024 година, нејзината заменичка не е толкав оптимист.

„Отпочнати се процесите и постапките течат. Јас навистина не можам да ви кажам што во 2024 што ќе се случи. Но, се надевам ако со ова темпо се одвивваат работите, како што се одвиваат, ќе можеме да видиме веќе и резултати на терен“, рече Христина Оџаклиеска-замник министер за животна средина.

Од друга страна градоначалникот на Новаци најавува дека ќе го блокираат процесот доколку не се изгради обиколница, за камионите со отпад да не поминуваат низ населените места. Засега од Владата им биле одобрени пари само за изработка на проект.

Инаку и охридската и струшката дива депонија требаше да бидат затворени уште во 2020 година по барање на УНЕСКО, но во нив и понатаму се трупа смет. Струшкиот градоначалник Мерко при неговите предизборни ветувања во претходниот мандат тврдеше дека приоритет ќе му биде затворање на дивата депонија и дислокација на отпадот.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button