Уставните амандмани ќе ги подготвува експертска работна група

Власта очекува опозицијата да се вклучи во работните групи за уставни промени. Опозицијата пак смета дека се потребни предвремени избори, бидејќи овој парламентарен состав, според неа, нема мандат за промена на Уставот.
Премиерот Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање повтори дека за процесот на уставните измени следна фаза е формирање експертска работна група, што ќе биде координирана од Министерството за правда, со цел подготвување на амандманите, по што ќе има широка јавна расправа, а потоа и парламентарна, во неколку чекори.
– Ние во моментов зборуваме за уставни измени, меѓутоа никој од граѓаните не видел како изгледаат тие уставни амандмани. Значи, прва фаза е тие да бидат напишани од страна на експерти. Не зборуваме само за вметнување на Бугарите во Уставот, туку зборуваме и за другите заедници коишто изразиле желба да бидат дел од нашиот Устав, во којшто веќе има други коишто се вклучени, изјави Ковачевски.