ВЕСТИРЕГИОН

Вучиќ: Србија нема да се согласи со влез на Косово во ОН, ниту ќе го признае

Србија нема да се согласи со влез на Косово во ОН или на кој било начин да го признае, а тоа јасно им го кажав на сите западни претставници, изјави синоќа српскиот претседател Александар Вучиќ. Во опширното интервју за провладината ТВ Хепи, тој рече дека „не му паѓа на памет“ да потпише капитулација на Србија „колку и да е лош европскиот план за Косово“.

„Нема да има капитулација или предавање, тоа несомнено им го соопштив на сите западни функционери и европски лидери, им кажав на сите во лице“, нагласи Вучиќ, наведувајќи ги функционерите со кои разговарал, од претставници на САД до лидери на европските земји и ЕУ.

Тој оцени дека претстојат „многу тешки дискусии и ситуации“ во врска со Косово и истакна дека е „речиси сигурен оти (косовскиот премиер Албин) Курти не сака да формира Заедница на српски општини, на што Приштина се обврза со Бриселскиот договор , постигнат под покровителство на ЕУ во април 2013 година.

Вучиќ рече дека тоа тврдење го заснова на тоа што вчера ЕУ начелно се согласила за визна либерализација за Косово.

„Моментот во кој Брисел дава согласност за визна либерализација на Косово доаѓа наместо притисок врз Курти за Приштина да ги исполни своите обврски, што е предуслов за натамошното спроведување на планот на ЕУ за Косово“, рече Вучиќ, оценувајќи дека тоа е „охрабрување за Курти“ да ја продолжи својата политика.

Вучиќ нагласи дека ниту една членка на Советот за безбедност на ОН нема да се согласи за членство на Косово во светската организација доколку Србија не го прифати тоа.

„И Русија и Кина ќе ја следат Србија затоа што ниту една членка на Советот за безбедност на ОН не би се спротивставила доколку Србија се согласи на членство на Косово во ОН, но Србија нема и тие ќе ја следат Србија“, рече Вучиќ.

Во документот што го подготвија европските дипломати за временската рамка за спроведување на предложениот европски договор за Косово, за кој Вучиќ и Курти се договорија на 27 февруари во Брисел, беше посочено дека „Косово нема да претендира за членство во Обединетите нации без експлицитна согласност на сите пет постојани членки на Советот за безбедност на ОН – Франција, Британија, САД, Русија и Кина“, објавија претходно белградските медиуми, повикувајќи се на дипломатите кои работат на „патоказот“ за спроведување на европскиот план за Косово.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button