Уставот досега менуван осум пати со 36 амандмански интервенци

Македонскиот Устав како највисок правен акт на државата е донесен на 17 ноември 1991 година и досега има претрпено осум измени со 36 амандмани.
Токму денеска во собраниска процедура влегува предлогот на Владата за нова деветта измена на Уставот, со која се предвидува во Преамбулата да се внесат и бугарскиот, хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот, еврејскиот и египќанскиот народ.
Уставот последен пат беше променет на 11 јануари 2019 година кога Собранието со 81 глас „за“, ниту еден против и воздржан, ги изгласа четирите амандмани за менување на уставното име од Република Македонија во Република Северна Македонија по стапување во сила на Договорот од Преспа што беше потпишан со Република Грција на 17 јуни 2018 година.
Претходно, измени на Уставот беа направени и во 1992, 1998, 2001, 2003, 2005, 2009 и во 2011 година.
Првите измени на Уставот се усвоени на 6 јануари 1992 година со донесување на Амандманите I и II. Со нив се утврдува дека државата нема територијални претензии кон соседните држави и нема да се меша во суверените права и внатрешните работи на други држави.
На 1 јули 1998 година е усвоен Амандманот III, по иницијатива на Врховниот суд и со него е поместен рокот за максималното времетраење на притворот до подигнување на обвинение, од 90 на 180 дена од денот на притворувањето.
Пратениците на седница на Собранието на 16 ноември 2001 година ги усвоија амандманите IV, V, VI, VII, VIII, IX, X, XI, XII, XIII, XIV, XV, XVI, XVII и XVIII. Овие амандмани се донесени како обврска од Охридскиот рамковен договор.
На 26 декември 2003 година пратениците го усвоија амандманот XIX со кој се уредува отстапување од неповредливоста на тајноста на сите други облици на комуникација, а не само на писмата, како што е утврдено со Уставот од 1991 година. Утврдено е дека отстапувањето се врши врз основа на одлука на суд, под услови и постапка утврдени со закон, а поради точно наведени причини.
Амандманите XX, XXI, XXII, XXIII, XXIV, XXV, XXVI, XXVII, XXVIII, XXIX И XXX Собранието ги усвои на седницата одржана на 7 декември 2005 година. Тие се однесуваат на реформите на судскиот систем, односно на промената на организацијата на судскиот систем, изборот на судии и јавни обвинители.
На собраниската седница одржана на 9 јануари 2009 година е усвоен Амандманот XXXI на Уставот со кој е утврден цензусот за избор на претседателот на Републиката во вториот изборен круг (ќе биде избран оној кандидат кој ќе добие мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку на избори излегле повеќе од четириесет проценти од вкупниот број избирачи во Републиката).
Амандманот XXXII на Уставот е усвоен на собраниската седница на 12 април 2011 година, а се однесува на неможноста на одземање на државјанството на државјанин на Република Македонија, односно на неможноста истиот да биде протеран од државата.
Последните уставни измени беа направени на 11 јануари 2019 година кога во законодавниот дом беа усвоени амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV, XXXVI на Уставот кои стапија во сила со влегувањето во сила на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите Нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните и ратификацијата на Протоколот за пристапување во НАТО од Првата страна на Конечната спогодба.
Со нив се менува името на државата од „Република Македонија“ во „Република Северна Македонија“, се прават промени во Преамбулата, се гарантира суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави и грижата за дијаспората.