ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Влада не ги зема во предвид препораките на Антикорупциската комисија

Првите 100 дена работа на владата не поминаа без промашувања или расчистување на сметките како што се случувало и претходно. Алсат денеска праша во Антикорупциската комисија како гледа на првите 100 дена на новата влада и оттаму ни рекоа дека класичните форми што ги користи секоја власт остануваат исти. Претседателката на оваа комисија, Билјана Ивановска, истакна дека имало злоупотреби и со назначувања и разрешувања на директори или други институции, вклучително и оние избрани со мандат. Сепак и покрај помошта која Антикорупциската комисија сакала да ја даде за борба против овие појави, Ивановска вели дека препораките на институцијата, владата не ги земала доволно во предвид.

Advertisements

Од оваа Комисија имаше и иницијативи за разрешување на директорите на Агенцијата за филм, Горјан Тозија и на Јавното претпријатие за спортски објекти Шпенди Хајредини. Од Антикорупциска велат дека презеле мерки и за неправилностите во анкетните листи на службениците, во однос на нивниот прикажан имот. „Законската обврска не е соодветно испочитувана,“ вели Ивановска, која додава дека во две анализи предупредиле за непродуктивни буџетски трошења како што се апанажи, користење на службени возила, патни трошоци, репрезентации, за употреба на платежни картички во странство и слично. За првите 100 дена од работата на Владата зборуваше и поранешниот член на оваа комисија, Ариф Муса, кој ја критикуваше власта која и покрај анализата на комисијата, не преземала конкретни мерки за спречување на корупцијата.

„Не гледаме никакво светло на крајот на тунелот дека оваа нова Влада сериозно ќе се справи со откривање на корупција и слични случаи. Зошто сум скептичен дека ќе се стори нешто во врска со корупцијата? Со назначувањето на министер за спречување на корупцијата, паралелно со создавањето на многу комисии, многу паралелни тела, никој од нив не ја извршува работа како што треба. Сè додека постои обвинителство специјализирано за борба против корупцијата, нема потреба од министер. Потоа имаме Комисија за спречување на корупцијата. Само треба да се спроведуваат нивните наредби и да им се даде поддршка“, рече Ариф Муса, поранешен член на Антикорупциската комисија.

Муса вели дека Владата не може да се крие зад пандемијата. Еден од случаите што ги спомна тој е и големата врева околу уривањето на дивоградбата кај трговскиот центар „Мавровка“, но потоа државата ја запре битката против дивоградбите  со тоа што не ги откри корумпираните локални и централни функционери.

Мефаил Исмаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button