Владата ги ограничи маржите на некои продажни цени

Владата ги ограничи маржите на продажните цени на големо и мало на основните прехранбени производи. Заработувачката на трговците во големопродажбата е цементирана на 5%, а во малопродажбата на 10. Во преговори со трговците и со преработувачката индустрија одлучено е оние производи на кои им беше замрзната цената, сега да бидат со лимитирана маржа. Станува збор за следниве производи:
„…. лебот, шеќерот, солта, брашното – тип 400, суровото сончогледово масло и сончогледово масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 отсто, свежото месо и сувомеснати производи, сирењето и урдата, оризот, јајцата, тестенините, пченицата и овошјето и зеленчукот“, рече Крешник Бектеши министер за економија.
Оваа мерка стопанствениците ја бараа уште пред Нова Година кога беа против замрзнатите цени. Но, сега велат дека постојат доста нејаснотии за новата мерка.
„А, оние што произведуваат и што се производители, дел од оние кои произведуваат основни производи ги продаваат на ланците на маркети. Дел имаат сопствена продажба. Како тоа ќе функционира кога фирмата ќе продаде дел од производите на соодветниот маркет, а тој потоа си креира сопствена маржа којшто ја продава на финалниот потрошувач?“, рече Горан Георгиевски претседател на Агро Комората при ССК.
Сепак, компаниите кои нема да ја почитуваат оваа одлука ќе добијат казна според големината на компанијата. Највисоката е 10 илјади евра. Марката за ограничување на маржите ќе важи до 31 мај годинава. Инаку, од четврти декември основните прехранбени производи се продаваа по замрзнати цени, меѓутоа Заводот за статистика забележа дека изминатиот период пораснале цените и на тие производи.
Иле Петревски